Роден на денешен ден: Ентони Бордејн – готвач, писател, раскажувач

На денешен ден, 25ти јуни, 1956 година е роден големиот Ентони Бордејн, човекот со многу таленти кој за жал прерано и трагично нѐ напушти во 2018 година.

Тој својата кариера ја има започнато како готвач односно кулинарски шеф, за потоа да прерасне во ултра популарен лик од телевизиите и светски познат автор и раскажувач. Неговата харизма, авантуристичкиот дух, оригиналниот печат што неговите емисии го има, како и бруталната искреност спрема сите луѓе со кои се среќава и спрема публиката, го прават единствен во светот на кулинарските и патувачки приказни. Неговиот живот беше енергично патување на истражување и откривање, поврзувајќи ги луѓето преку универзалниот јазик на храната.

Патот на Ентони до славата започнува во кујните на Њујорк, а првиот свој значаен белег го остава како главен готвач во Brasserie Les Halles, познат француски ресторан на Менхетен. Неговиот талент во кујната и уникатниот стил го издвојуваат, но тој не е препознатлив само како готвач, туку и како раскажувач. Неговата книга од 2000 година – Kitchen Confidential, го воздигна до екстремна популарност затоа што понуди суров, нефилтриран поглед кон кулинарскиот свет, воодушевувајќи ги читателите ширум светот.

Успехот на Ентони Бордејн како писател го доведе и до телевизијата. Неговите емисии како “Без резервации” (No Reservations) и “Непознати делови” (Parts Unknown), не беа само емисии за храна, туку културно-едукативни истражувања и налик документарци за доближување на културата на еден град или земја до гледачите. Патувајќи до најдалечните места во светот, и дружејќи се со локалното население преку разменување искуства, информации за историјата и оброци, Бордејн ги поврзува културите преку храната и на тој начин им ги проширува хоризонтите на гледачите кон различностите.

Телевизиските патешествија на Бордејн му донесоа и безброј признанија, меѓу кои повеќе Еми награди, но неговото влијание ги надмина наградите. Тој влијаеше на тоа како луѓето гледаат на храната и патувањата и ги поттикнуваше на повеќе истражување, експериментирање, спонтаност и љубопитност.

Наследството што ни го остави Ентони Бордејн, продолжува да биде инспирација за многу готвачи, патувачи, раскажувачи, хедонисти и за сите уживатели на храната, патувањата и различностите. Неговиот светоглед и перцепцијата на животот и храната претставуваат и ќе претставуваат водилка за многумина.

За крај, ќе споделиме еден од најпознатите цитати на Бордејн:

“Travel changes you. As you move through this life and this world you change things slightly, you leave marks behind, however small. And in return, life and travel – leaves marks on you.”

No Comments Yet

Leave a Reply

Your email address will not be published.