Маја Гроздановска –Панчева е несомнено убава жена. Но нејзината вистинска убавина се чини доаѓа одвнатре. Непосредна, шармантна, спонтана, непретенциозна, префинета но и луцидна ќе ве плени од прва. Веројатно затоа покрај извонредниот вокал и вонвременската убавина и покрај повеќегодишното затишје во кариерата интересот за неа и понатаму не стивнува.
Тукушто прославивте една убава бројка и изгледате подобро од било кога. И не е само забележлива свежината, туку ликот сега зрачи со една префинета женственост и отменост. Ја забележувате ли таквата рефлексија во вашиот поглед во огледалото?
– Ви благодарам на убавите зборови. Малку нескромно ќе биде ако јас лично говорам како ја чувствувам таквата рефлексија кога ќе се погледнам во огледало. Но, навистина со текот на годините отсекогаш сум внимавала на својот надворешен изглед, а исто така, се трудам да бидам весела и позитивна, затоа што без тоа не можете да изгледате убаво, без разлика на вашата природна убавина.
Комплетно стилизирана во урбани и уникатни комбинации на ЕЛЕНА ЛУКА, Маја позираше пред нашиот објектив.
„Пред сè сакам да се заблагодарам што ме поканивте и што можам повторно да се вклопам во овој прекрасен моден свет на ЕЛЕНА ЛУКА. Искрено ќе кажам дека се вратив неколку години наназад, на еден убав момент кога последен пат имавме соработка и тогаш како и сега беше навистина возбудливо и убаво искуство, особено поради фактот што еден професионален тим е целосно посветен на една личност, и за среќа во случајов тоа сум јас. А колку што сум возбудена, толку и уживам во сето ова што го подготвува ЕЛЕНА ЛУКА. Морам да кажам дека долги години ја следам Елена, во тоа што перфектно го работи, и навистина ми е задоволство што за оваа фотосесија имам можност да носам нејзини уникатни дизајни. Прв пат лично се запознавме со Елена пред извесно време и можам да кажам дека е личност што плени, не само со својата убавина, туку и со својата добрина”.
„Постојат повеќе фактори кои придонесуваат личноста да зрачи со убавина. Секако тука мислам пред сѐ, на исхрана, вежбање, работа која ве исполнува, дружење со позитивни луѓе и секако здрава фамилија која ве полни со енергија.”
Во што се 50-те подобри од 20-те или 30-те?
– Секоја животна доба си носи свои убавини, но и проблеми. Во 20-те сте незрели, наивни и фамилијарни, но сѐ уште млади со големи соништа. Кога ќе зачекорите во оваа моја доба, 50-те, сте веќе созреана личност, сфаќате дека животот е многу убав, а и брзо поминува.
Какви придобивки ви донесе досегашното животно искуство?
– Досегашното животно искуство ме научи на многу работи проткаени со убави, но и помалку убави моменти. Животот ми овозможи да створам прекрасна фамилија, да ја работам работата која најмногу ја сакам, тоа е музиката и уште многу други работи кои те опкружуваат и те прават среќен.
Каков е Вашиот став кон стареењето, помеѓу екстремите на панично инсистирање на конзервирана младост и малодушниот став на прифаќање пораз без борба? Страв или наоѓање убавина во созревањето?
– Во моментов се трудам да уживам во животот и да не се оптеретувам со годините. Сметам дека треба нормално да го прифатам стареењето, без страв и размислување, затоа што сето тоа е една нормална фаза во животот.
Дали, колку и како се менуваа низ годините приоритетите, амбициите и желбите? Какви се тие во моментов?
– Секако во зависност од годините, желбите и приоритетите се различни. Младешкиот дух сѐ уште го поседувам и можеби тоа ми дозволува да ги остварувам своите соништа и желби.
Што за Вас значи реализирана жена?
– Реализирана жена е онаа која смета дека на приватен и на професионален план постигнала доволно за да биде задоволна и да има исполнет живот.
Како успевате да ја одржите очигледната свежина на духот?
– Како што кажав и претходно, мојата работа и фамилијата заедно со моите две ќерки, Марија и Надица, ми даваат енергија да го одржувам тој позитивен дух.
Велат дека среќната жена зрачи со посебна убавина. Што Вам Ве прави среќна?
– Музиката, фамилијата, нашиот сибирски самојед – Нео, кој многу често знае да ми ги наполни батериите и позитивните луѓе околу мене.
Во мала средина да се биде ѕвезда и уште повеќе, во спој со друга ѕвезда, а притоа да се остане скромен, достоинствен и приземен е дополнителен напор или едноставно одлика на карактерот?
– Секако, пред сѐ, сметам дека е одлика на карактерот и домашното воспитување. Но, во нашата средина каде што нема критериуми за многу работи, каде не се цени квалитетот и добрината, не е лесно да се остане цврсто на земја и да се биде позитивен пример.
Автор: Снежана Сани Богдановскa